По една година пауза поради ковид-кризата, на плоштадот „Македонија“ во Скопје денеска се одржа традиционалната Дедомразовска трка, во која околу 400 учесници од најразлични возрасти, жени, мажи и деца облекоа дедомразовски костум и ја истрчаа патеката долга два километра во центарот на главниот град.

Среќни луѓе, во пред празнична атмосфера, облечени во рувото на славниот Дедо Мраз и неговата Баба Мразица , со дечињата и миленичињата го означија доаѓањето на Новата година и сите од срце споделија една желба- Короната да си оди!

Миомир Алексовски, победник од трката во 2019 година, и овој пат прв ја истрча патеката, за него ваквите настани претставуваат убав начин да се подигне предновогодишното расположение.

-Секогаш да се истрча и да се биде на првото место е успех пред сè за себе. Мојот мотив беше да ги израдувам моите најмили, најблиски. Ќерката имаше желба да се качи на подиум оваа година, па со неа ќе ја подигнеме првата награда, истакна Алексовски.

Тој додаде дека во новата година посакува здравје и пандемијата да заврши што поскоро.

-Посакувам само здравје, да се чуваме и што побрзо да заврши оваа пандемиска криза. Да се надеваме на подобра следна година. Ваквите настани се доста позитивни, неколку месеци скоро исчезнаа овие настани, впрочем и сите собирања, меѓутоа секогаш за нас што трчаме со желба ги очекуваме овие настани да се натпреваруваме, да го дадеме најдоброто од себе. Инаку, короната не ме прескокна ни мене, една недела пред скопски маратон, и не успеав да го трчам. За среќа, помина сè како што треба и ете се вративме храбри и посилни – изјави тој.

Патеката има можност да ја истрчаат и учесници со своите деца и миленици.

Пред и по трката посетителите уживаа во музичка програма, а учесниците се загреваа со фитнес-инструктор. Трката е во организација на Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“, со поддршка на Град Скопје

За најбрзите беа доделени награди во машка и женска категорија – прво место, златен медал и ваучер за спортска опрема во вредност од 5.000 денари, за второ 3.000 денари и за трето место – 2.000 денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/12/2021 03:50