Излезе од печат новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“, втор за оваа година.

Во рубриката „Проза“ читателите може да ги прочитаат расказите: „Стар коњак“ на Влада Урошевиќ и „Коњак Ѕамбало*“ на Венко Андоновски, кратките прози: „Трактат за љубовта“ на Тихомир Јанчовски, „Исто или не“ на Габриела Стојаноска-Станоеска, како и извадокот од необјавениот роман „Потклек“ на Љупчо Петрески.

Во рубриката „Поезија“ се новите песни на Ерол Туфан, Виолета Танчева-Златева, Митко Гогов, Слаѓана Атанасова и хаику поезијата од Васко Марковски.

Во рубриката „Препеви, преводи“ застапени се: поезија од швајцарската писателка Илма Ракуза во препев на Никола Маџиров, песни од турскиот поет Зафер Јалчинпинар во препев на Филиз Мехметоглу и извадок од романот „Под површината“ на полската писателка Едита Њевинска, преведен од Звонко Димоски.

Рубриката „Критики, есеи, студии“ ги содржи освртите на Лидија Капушевска-Дракулевска за романот „Лебед“ од Ана Стојаноска, на Марија Ѓорѓиева-Димова за романот „Скриени желби, далечни патувања“ од Владимир Јанковски, на Фросина Пармаковска за романот „Трамонтана“ од Наташа Сарџоска, како и рецензиите на Сузана Ѓорѓиевска „Пет куси-куси критики за пет прилепски автори (Љубица Трајкоска, Божана Тренческа, Тони Павлески, Габриела Стојаноска-Станоеска и Љупчо Петрески). Во оваа рубрика се и текстовите на Тодорка Балова и Иван Антоновски посветени на Блаже Конески и на неговaта поезија.

Рубриката „Театар“ преку фрагменот „Могила“ го промовира драмскиот текст „Рокеришта“ на Сашо Блажески.

Во рубриката „Ликовна уметност“ Каролина Мицевска се осврнува на творештвото на акварелистот Илија Миноски во текстот „Миноски-творец на мигот“.

Последната рубрика „ Ин мемориам“ е потсетување на песните, животот и на делото на литературниот критичар, теоретичар и писател Атанас Вангелов, а го содржи и текстот на Иван Антоновски „Слово за професорот Вангелов“.

Списанието „Стремеж“ го издава прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ со поддршка на Министерството за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/12/2021 15:15