Културно уметничкото друштво „Илинден“ од Струга и во услови на пандемија, што влијаеше многу на фолклорот, успешно ја завшрува 2021 година.

Раководителот на друштвото Љупчо Милошески вели дека и покрај предизвиците, со кои се соочувале изминатиот период, бележат низа активности, кои придонеле годината да ја паметат по убави случувања.

– Годинава што изминува сите ние ќе ја паметиме како година во која се опоравуваме од корона кризата, која и тоа како го погоди фолклорот. КУД „Илинден“ и покрај се, забележува многу активности, кои ги реализира од својата програма за работа, нагласи Милошески.

Почетокот од годината, кога немаше протоколи за фолклорот, тој посочи дека организирале онлајн работилници, преку кои биле во постојан контакт со членовите, а од почетокот на летото активни се со сценски настапи, како во земјава, така и во странство.

– На почетокот на годината одржавме голем број едукативни работилници за облекување, заплетување, украсување и изработки. Летото го почнавме со настап во Центарот за култура во Струга по повод јубилејот 160 години од издавањето на зборникот на Браќата Миладиновци, потоа дел од членовите учествуваа на фолклорен фестивал во Вионица – Босна и Херцеговина, а неизоставен дел беа и настапите во земјава, изјави Милошески.

Во годишната ретроспектива го посочи и фолклорниот фестивал „Фолклорен мост“ во Струга, каде беше промовирана неговата монографија „Од Љубанишча до Дебор“, а беше возобновена и „Ревијата на народни носии“.

– Тука морам да споменам и комплетирањето на 10 женски народни носии од етничкиот предел Струшки Дримкол од Македонците со исламска вероисповед, рече Милошески.

На своите настапи КУД „Илинден“ се закитило со повеќе благодарници и награди, меѓу кои, како најдрага ја издвои прва награда на вокално-инструменталниот состав од жири-комисијата, како најуспешен ансамбл кој презентира староградска музика и игра, на фолклорниот фестивал „Илинденски денови“ во Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/12/2021 15:38