Министерството за образование и наука денеска го објави Конкурсот за доделување на наградата „Гоце Делчев“ за 2022 година, со која се оддава општествено признание за особено значајни остварувања од интерес за Република Македонија во областа на науката.

Наградата во 2022 година се доделува за научна книга или дело објавено во 2021 година и на поединци или на група автори од земјава или од странство.

– Право на конкурирање имаат дела од еден автор или група автори што се одделно објавени, рецензирани и каталогизирани. За датумот на објавувањето се смета датумот што е објавен во каталогизацијата на публикацијата (ЦИП). Право на конкурирање немаат остварувања објавени во стручни и научни списанија со импакт фактор, како и поглавја или делови од книги. Поединец или група автори може да биде добитник на награда во истата област само еднаш, се наведува во објавениот конкурс.

Предлози за доделување на наградата може да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани.

Во објавениот Конкурс има информации за тоа што треба да содржи предлогот за доделување на наградата, бројот на примероци што треба да се достават и начинот на конкурирање.

Конкурсот е отворен од денеска до 15 февруари 2022. Наградата на добитниците ќе им биде врачена на 4 мај – денот на смртта на Гоце Делчев.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/12/2021 15:39