Засилените контроли за непрописното паркирање во Тетово изминатава недела резултираа со 358 казни за возачите, информираат од полицијата. Дел од овие казнетите возачи треба да платат и за тоа што специјалното возило „пајак“ ги подигнал нивните возила.
-За една недела, колку што досега се реализираат засилените мерки и активности за поголем ред и безбедност со паркирањето во Тетово, полициските службеници на СВР Тетово – Полициска станица за безбедност на сообраќајот Тетово вкупно откриле и санкционирале 358 непрописно паркирани возила, претежно на улиците „Илинденска“ и „Маршал Тито“, двете најфрекфентни улици во централното градско подрачје. Покрај ова, од двете споменати улици биле отстранети, односно од „пајак-службата“ подигнати 89 непрописно паркирани возила, кои го попречувале нормалното и безбедно движење на пешаците и на другите учесници во сообраќајот, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Најголемиот број од изречените мерки во овој период се однесувале на паркирање во таканаречени „двојни редови“ и спротивно на поставените сообраќајни знаци.
-Активностите околу паркирањето во Тетово со несмалено темпо продолжуваат и наредните денови, а СВР Тетово повторно со апел до возачите целосно да се придржуваат кон утврдениот режим за паркирање и да не ги оставаат нивните возила каде ќе стигнат, пред се паркирани во „двојни редови“, зашто фрекфренцијата по тетовските улици од скоро е мошне голема, посебно во периодот од 10 до 20 часот. Активностите се планира да ги опфатат и другите улици во градот, рече Јосифоски.
На сите прекршители изготвени им се законски предвидените поднесоци и ги очекуваат парични глоби.