Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска присуствуваше на почетокот на реконструкцијата на ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“.

Како што информира Општина Кисела Вода, во ова училиште ќе се врши промена на покривната конструкција, ќе се постави нова термоенергетска фасада, а со изградбата на лифт за децата со посебни потреби, пристапни рампи, специјални тоалети, објектот ќе стане целосно достапен за лицата со посебни потреби.

– Се работи за стар училишен објект, граден во 1962 година. Постојниот покривен покривач е изведен од азбест, кој како штетен материјал, веќе не се употребува и е забранет. Фасадата е сочувана, но е потребна нејзина замена со енергетски ефикасна. Општина Кисела Вода го изработи проектот и аплицираше на јавниот повик на МОН, по што доби финансиски средства за овие градежни зафати. Ќе се гради и лифт за дечињата со посебни потреби кои тука следат настава. Достапноста ќе ја зголемиме со изградба на пристапни рампи во целото училиште, тоалети за лица со инвалидитет, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски, додавајќи дека е предвидена изградба на паркинг места за овие лица и дактилни патеки во дворот на објектот.

Со тоа, како што посочи, ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе стане првото целосно инклузивно училиште во Скопје. Ѓорѓиевски изјави дека проектите кои се поврзани со здравјето на децата, носат подобрување на условите и за лицата со посебни потреби, секогаш ќе имаат приоритет на делување.

Средствата за адаптација на училиштето за лица со посебни потреби се обезбедени преку Проектот „Подобрена достапност на образовните установи за лица со попреченост“ во рамки на програмата „ЕУ за инклузивност – ИПА“, потпишан меѓу Владата и Европската Комисија, чиј носител е МОН.

Во ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ настава посетуваат 637 ученици. Има две паралелки со деца со оштетен слух и говор, а во повеќето од паралелките има ученици со посебни потреби. Градоначалникот Ѓорѓиевски им подели пакетчиња на децата со посебни потреби.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/12/2021 16:22