Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска изјави дека нивниот фокус е да има проекти во секоја од десетте општини во Скопје.

На денешниот брифинг со новинарите, Арсовска говорејќи за буџетот рече дека Градот е заглавен со многубројни долгови и информира дека е отпочнато ревидирање со цел да се види каква била намената на средствата кои биле потрошени.

– Се фокусираме да можеме да го направиме најдоброто со средствата кои се на располагање. Од оние проекти кои можете да ги видите во самиот предлог буџет важно е дека како капитални проекти ставени се проектите кои се веќе склучени со повеќегодишни договори кои Градот мора да ги реализира. Јавноста треба да знае дека тоа е тоа што претходното раководство го планирало да го работи во следните години, рече Арсовска.

Таа посочи дека сите се опфатени во дел од проектите кои се за планирање и проектирање, почнувајќи од кејот на Вардар од двете страни и течението почнувајќи од Сарај, Ѓорче, Карпош, се до Ново Лисиче.

– Мегапаркови имаме во пет општини од Градот Скопје, отпочнуваме со реализација односно со проекторање на кружен тек на влезот во Скопје кај Сарај кој е долгогодишно, а нереализирано ветување за жителите од тој дел на градот. Понатаму имаме програми и проекти за осветлување, за чистење, за санација на улици, исто така има голем дел на проекти што во соработка со општините беа побарани, а нивните барања се доставени. Имаме барање од Чаир, од Сарај, Кисела Вода, од Гази Баба и од Аеродром, информира Арсовска.

Како дел од капиталните проекти кои ќе се реализираат, а се наследени, се булеварот АСНОМ, мостот и фазата кај новиот мол Ист Гејт, фазата на Борис Трајковски од Пинтија до Маврова река, клучката на Момин поток со кружниот тек пред Тојота, дел од изградбата на реконструкција со атмосферска и фекална канализација на булевар Киро Глигоров. Тоа, како што појаснија, се оние капитални проекти кои заземаат поголем дел од вредноста на буџетот. Таму се склучени веќе договори кои се повеќегодишни.

На брифингот беше посочено и дека проектот за Универзална сала продолжува.

– Во моментов се прави измена на проектната документација. Проектот ќе проодлжи и ќе се заврши согласно договорот кој е склучен со изведувачот. Рокот е продолжен за уште 50 до 60 дена. За втората фаза, односно ентериерот нема никаква документација. Сега во овој момент нема ништо, ќе треба да видиме прво средства дали ќе има обезбедени затоа што градот е задолжен, посочија на брифингот.

Во однос на луна паркот, Арсовска информира дека започната е проектна документација, таа се продолжува.

– Изработувачот на проектната документација во наредните месец два треба да ја достави истата комплетно, така да имаме наследено седум реквизити кои треба да се постават согласно претходно склучени договори, исттие се задржани во проектното решение и дополнителни нови 20 кои треба да се тендерираат и да се набават. Има ново партнерно уредување. Средства имаме предвидено и сакаме што е можно поскоро да се направи, да се отпочне. Се планира што е можно поскоро веднаш после Нова Година со новиот буџет да се отпочне прво со партнерното уредување. Ние дел до реквизитите веќе ги имаме набавено и тие се исплатени. Нема да чекаме уште четири години за луна парк. Ќе се отпочне веднаш. Целосно партерно уредување, средување да биде како што треба, оградување на елементите кои се имаат и продолжување на набавување на останатите, рече Арсовска, додавајќи дека зелена површина нема да се крати во ниту еден случај.

Во однос на прославата за Нова Година Арсовска рече дека општествено одговорни компании ќе обезбедат да има прослава.

Предлог-Буџетот на Град Скопје за 2022 година со Предлог-Одлука за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2022 година ќе биде на дневен ред на денешната трета седница на Советот на Град Скопје. На дневен ред се и предлог-одлуките за именување членови на управните одбори на неколку јавни претпријатија: на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, ЈП „Водовод и канализација“-Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“-Скопје, ЈП 2Улици и патишта“-Скопје, ЈСП Скопје-Скопје, ЈП „Градски паркинг“-Скопје, ЈП „Лајка“-Скопје и ЈП „Депонија Дрисла“-Скопје.

Меѓу точките по кои ќе расправаат советниците на Град Скопје се и Предлог-Одлуката за изменување на Одлуката за субвенционирање на ЈП „Паркови и зеленило“-Скопје, Предлог-Планот на програми за развој за периодот 2022-2024 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/12/2021 13:38