Новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска со видео порака им ја честиташе Новата година на скопјани, велејќи дека за само 50 дена биле исчистени 120 депонии и пуштена жичницата на Водно. Еве што рече Арсовска:

„Драги мои скопјани, сакам да ви се заблагодарам за довербата која ми ја дадовте.

За Скопје и Македонија помина уште една година со сериозни предизвици, како резултат на здравствената, енергетската и економската криза. Нашето Скопје мора да биде модерен европски град, метропола каква што граѓаните заслужуваат.

Во Новата година нѐ очекуваат навистина позитивни промени.

Почнуваме да го реализираме ветеното во програмата, домаќински, без ниту еден денар на граѓаните да биде потрошен на непродуктивни трошоци. За само 50 дена покажавме дека со малку средства и многу труд, со желба и посветеност можеме да направиме сериозни резултати кои значително го подобруваат животот на скопјани.

Исчистени се преку 120 диви депонии, барањата на пожарникарите конечно влегуваат во колективен договор, пуштена е во функција жичницата на Водно, воведовме ноќни автобуски линии, градот станува транспарентен и за првпат седниците на советот на Градот се пренесуваат во живо, поставуваме и пристапни рампи за лицата со попреченост во сите градски институции.

Во новата година ќе продолжиме да работиме како што започнавме, енергично, чесно и посветено за програмата и проектите да станат реалност.

Дозволете ми искрено и од срце да ви ја честитам 2022 година и да ви посакам спокој, здравје и среќа во годината којашто е пред нас.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/01/2022 12:54