Серија на кражби се случуваат во уметничката галерија „Безистен“ во Штип. Полицијата вчера на лице место го фатила 26-годишниот С.Н. од Штип, како ги краде оловните плочи од кровната конструкција на објектот. Но, директорот на Заводот за заштита на споменици и Музеј на град-Штип, Митко Штерјов вели дека кражбите на оловните плочи продолжиле и синоќа, кога се одземени уште шест оловни плочи.

-Една плоча тежи од 40 до 50 килограми, во континуитет неколку дена се крадат овие плочи од кровната конструкција, единствено за Нова година не забележавме кражба на плочите. Станува збор за штета од над 10.000 евра, вели Штерјов.

Крадецот пред два дена е фатен, качен на дрвени мердевени, како ги одзема плочите, а неговиот автомобил бил паркиран во непосредна близина. Штерјов се надева на соработка од месното население, но за да се заштити објектот од вакви дрски крадци најави поставување и на видео надзор. Досега од кровната конструкција на уметничката галерија „Безистен“ во Штип се украдени 26 оловни плочи. Инаку ваква кражба е регистрирана и пред две години, кога на лице месо се фатени двајца крадци.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/01/2022 06:04