Во текот на претходната календарска година во Центарот за култура во Кичево, од 22 планирани проекти реализирани се 20. Останаа нереализирани два проекти и тоа проектот од драмската дејност „Непотизам“ од авторот Кристо Флоќи, во режија на Рахим Рамадани, како и проектот од музичката дејност „Класична фузија“.

-Ако се има во предвид пандемијата со Ковид-19, можеме да бидеме повеќе од задоволни од процентот на реализираната програма во 2021 година.Така, во однос на библиотечната дејност, петте одобрени проекти во целост се реализирани, а се однесуваа на набавка на нови книги на македонски, на англиски и на албански јазик. Набавката на компјутерска опрема за библиотеката и одбележан „Денот на книгата и заштита на авторското право“, истакна Мазлам Османи, директор на Центарот за култура.

Тој ги наведе реализираните проекти и од областа на музичката и музичко-сценската дејност, фолклорна дејност и инвестиции одобрени за Центарот за култура.

-Од областа на музичката и музичко-сценската дејност реализирани се пет проекти и тоа „Новогодишен концерт“, „Звуците на пролетта“ и „Концерт на обоа, флејта и гитара“. Реализиран е концертот на групата „Јерико“ и концертот за пијано „Четири раце“. Од областа на фолклорната дејност реализирани се проектите „Меѓународен фестивал на народни песни и ора Др.Владимир Полежиноски“, „Бајрамска вечер“ и традиционалниот „Велигденски концерт“. Од областа на инвестициите, набавена е опрема за осветлување на сцената и промена на врати и прозорци во Центарот за култура, додаде Османи и ги посочи и останатите проекти кои се реализирани минатата година.

Како што напомена, од областа на визуелните уметности, архитектура и дизајн реализирани се проектите „Прекрасна убавина на старите куќи“, изложбите „Ебру“ и „Човек број“, а реализирана е и Младинската керамичка работилница за изработување и декорирање керамички производи.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/01/2022 16:08