Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски испрати барање до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за вонреден инспекциски надзор на блоковите 10, 28 и 43 од Деталниот урбанистички план Градска четврт Ј 07 Локалитети: Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара.

Општина Центар соопшти дека на последната, четврта седница, општинскиот Совет го задолжи градоначалникот Герасимовски од Инспекторатот да побара вонреден инспекциски надзор на планот, по барање на жителите од улиците „Козара", „Питу Гули" и „Салвадор Аљенде".

– Од причини што Советот даде задолжение на градоначалникот да се обрати до вас, бараме во рамките на вашите законски надлежности, да ја испитате околноста, можностите и рамките за извршување вонреден инспекциски надзор врз ДУП Градска четврт Ј 07 (донесен на 18 јули 2014) околу неговото донесување, особено за блоковите 10, 28 и 43 и за истото да нѐ известите во најкус можен рок, се вели во барањето испратено до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

Со извршувањето на вонредниот инспекциски надзор, наведува Општина Центар, ќе им се излезе во пресрет на барањата на граѓаните од трите улици („Козара", „Питу Гули" и „Салвадор Аљенде") кои тоа го бараа од Општина Центар и од градоначалникот Герасимовски, но и ќе бидат појасни околностите кои довеле до донесувањето на планот во 2014 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/01/2022 16:32