Почнаа градежни работи за изградба на основно училиште во Визбегово во општина Бутел, на вкупна површина од 12 029 квадратни метри и со капацитет за над 500 ученици.

Како што соопшти МОН претходно, склучениот договор за изведување на градежните работи за изградба на објектот е во износ од 106.590.812 денари со ДДВ, а реализацијата е планирано да заврши за 18 месеци. Според МОН, се работи за модерен училишен објект, во чиј состав е предвиден и простор за рекреација и спортување и се задоволуваат долгогодишните потреби и барања на жителите од населбата Визбегово.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби денеска од локацијата каде што почна да се гради објектот изјави дека проектот е долго очекуван од жителите на општината и, како што рече, конечно со заеднички напори успеале да ги завршат сите процедури, да се избере изведувач за денес да се стави камен-темелникот.

-Според ветувањата на изведувачот, училиштето е предвидено да се изгради за 18 месеци и се надеваме дека следната година или годината потоа, учениците ќе се најдат во ова училиште. Во план е да бидат сместени околу 500 ученици. Тоа е огромна потреба за граѓаните на оваа населба и на општината, рече Груби, кој и се заблагодари на министерката за образование и наука Мила Царовска за соработката.

Царовска истакна дека е задоволна што по осум години ветување на ова училиште за 500 деца во Визбегово, денес почнува изградбата.

-За период од 18 месеци треба да заѕвонат ѕвончињата и учениците да влезат во училиштето и да седнат во училишните клупи. Секоја инвестиција во образование треба да ја гледаме како инвестиција во државата. Само држава која вложува во децата и во квалитетно образование, може да очекува светла иднина. И токму тоа го покажавме како Влада – интензивно реконструиравме и градевме училишта и на истиот начин продолжуваме. Вчера Владата ги донесе и двете нови програми за 2022 за реконструкција и изградба на основни и средни училишта, изјави Царовска.

Градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски истакна дека со овој проект се решава еден од покрупните проблеми во општината, не само во населеното место Визбегово, бидејќи потребите ќе бидат задоволени за децата да не патуваат по неколку километри до училиште туку ќе си имат во местото на живеење.

-Уште во 2014 година кога бев советник во Општина Бутел почна овој процес. Навистина долго траеше, но важно е што денес проектот почнува. Се надевам дека соработката со сите инволвирани во овој проект ќе биде на врвно ниво. Општина Бутел ќе се залага за максимална поддршка на се што е поврзано со овој проект, како и на целосната инфраструктура поврзана со него, пристапните патишта до училиштето, водовод итн. Општина Бутел планира многу да вложува во образованието, за само три месеци досега вложивме 10 милиони денари и тој тренд ќе продолжи зашто клуч за развој на стабилна држава е квалитетно образование, рече Костовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/01/2022 15:26