Европската унија го осуди хакерскиот напад на сајтовите на украинската Влада и ги мобилизираше сите свои средства за да му помогне на Киев. Ова денеска го изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, пренесува Бета.

-Свикавме итен состанок на амбасадорите на политичкиот и безбедносен комитет на ЕУ за да видиме како можеме да дејствуваме и каква техничка помош да ѝ пружиме на Украина, рече Борел во Брест, каде што присуствува на неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Според овластените лица, рано е да се каже кој стои зад денешниот хакерски напад на неколкуте владини сајтови во Украина. Москва негираше дека стои зад кибер нападите.

Тензиите меѓу Москва и Киев се зголемија во последните недели поради трупањето руски војници на границата со Украина.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2022 16:19