Граѓаните се уморни од неспособноста на СДСМ и ДУИ во влада, а по однос на легитимитетот, Ковачевски како политичар и мандатар нема изборен легитимитет. Ковачевски кажа дека во програмата има еден дел од старата и еден нов, но со тој нов дел не излегле на избори, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски на денешната седница за избор на нова влада, при што истакна дека ова е влада која за граѓаните донесе само кризи и сиромаштија.

- Од живот за сите стигнавте до криза за сите, од едно општество за сите стигнавте до едно големо поскапување за сите. Наместо европска интеграција, донесовте опасна инфлација, од најдоброто за мојата општина, дојдовте до копање биткоини од Елвис и Габриел во централната општина во Македонија, рече Милошоски.

Тој истакна дека генерално пензионерите, студентите, просечните граѓани денес се осиромашени повеќе отколку пред 5 години кога СДСМ и ДУИ формираа влада.

- Владата на СДСМ и ДУИ не е решение за проблемите, бидејќи по 5 години се гледа дека самата влада е генератор на нови проблеми и кризи за граѓаните. Економска криза, здравствена криза, енергетска криза, топлинска криза, инфлациска криза, криза со пожарите, никој не сноси никаква одговорст и таа неодговорност ќе продолжи понатаму, нагласи Милошоски.

Тој посочи дека Ковачевски во програмата има континуитет со интересите на Заев и неговата фамилија и доказ за тоа е ставање како приоритет на легализирањето на трговијата со марихуана.

- Министерот Венко Филипче 3-4 пати останувал до полноќ единствено кога се разговараше за легализација на марихуана, но за среќа не помина. Ваквата работа не е потребна, а против тоа се земјите од регионот меѓу кои членките на ЕУ, Хрватска, Грција и Бугарија, затоа што ако за едно село Лазрат во Албанија цела ЕУ го стави на листа да биде санирано и да нема нелегална трговија, тогаш замислете каков проблем ќе биде во Македонија, тука нарко мафијата ќе најде прибежиште и затоа не ја правете Македонија да биде Колумбија во Европа, изјави Милошоски.

Милошоски по однос на надворешната политика напомена дека Бујар Османи не е подобен да го води тој сектор и дека владата на СДСМ и ДУИ е таа која има добивано датуми кои никој не ги видел, а воедно со скандали го наруши имиџот на Македонија пред меѓународната јавност.

- Тимот за надворешна политика е многу слаби и компромитиран. Според мене досегашната влада ќе остане запаметена како единствена влада која 4 години нема амбасадор во Вашингтон. Сите зборуваме за стратешкиот партнер САД, но сега 4 години нема амбасадор. Имаа обид Фрчковски да го постават, но тој обид пропадна затоа што Фрчковски е единствениот за кого сме добиле вербална нота дека не е подобен да биде амбасадор и тоа владата ја рангира многу ниско во надворешната политика. Потоа и неуспешен обид да го пратат во Обединети нации. Трета работа е Миле Миленковски, кандидат за заменик на амбасадорот во ОБСЕ кој од Ерменија превезуваше бизнисмени и сега не е конзул, но е во Врање. Затоа предлогот за министер за надворешни работи не е добар, потенцираше Милошоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2022 23:48