Реализација на проекти за вработување на лица со оштетен слух, ангажирање на повеќе образовни асистенти за глуви деца во образовниот процес, овозможување простор и термини за спортски активности, се дел од барањата кои беа истакнати на средбата на Здружението на глуви и наглуви лица на град Скопје со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

-Веќе е започната имплементацијата на дел од проектните активности кои ги вклучуваат овие лица од нашиот град. Најголем дел од нивните барања се дел од програмата на Град Скопје и мои лични заложби, со цел заеднички да направиме Скопје да биде град пристапен и достапен за сите граѓани. Скопје треба да биде град кој гарантира квалитетен живот за сите категории граѓани, вклучувајќи ги и лицата со оштетен слух, изјави градоначалничката Арсовска.

Како што соопштија градските власти, на средбата било разговарано за клучните проблеми со кои се соочуваат овие лица и потребата од итни решенија, како од Град Скопје, така и од централната власт.

-Градот посветено ќе работи на инклузија на лицата со попречености за остварување на нивните права, како еден од приоритетните проекти во овој четиригодишен мандат на Арсовска во Град Скопје, нагласуваат градските власти



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2022 01:35