По пријавите во државните институции дека Вардар во Аеродром е во критична фаза и се заканува негово излевање, доцна синојќа градоначалничката на Скопје Данела Арсовска заедно со командирот на пожарникарската служба отидоа на лице место да ја увидат ситуацијата и нејзината алармантност.

- Вечерва со командирот на ПП бригада Скопје и службите на градот Скопје извршивме увид на лице место на кејот на реката Вардар, во близина на мостот ген. Михајло Апостолски, каде што имаше излевање на реката. Состојбата е стабилизирана и излеаното речно корито започна да се повлекува. Повикан е изведувачот при што наложено е на фирмата која изведува градежни активности на тој потег, која има обврска да го одржува коритото каде што гради, да ја следи состојбата на терен и да преземе мерки. Заедно со екипи на градот Скопје е поставено ноќно дежурство, со цел следење на состојбата со речното корито.

Согласно информациите од регионалниот центар за управување со кризи, поради зголемен испуст на вода од хидро електраната Матка во текот на денешниот ден, заради зголемено производство на електрична енергија, зголемен е и водостојот на речното корито на Вардар, заради што е настанато излевањето.

Градот Скопје ќе ја следи состојбата со водостојот на речното корито на Вардар и во наредниот период, со цел навремено интервенирање и избегнување на поголеми несакани штети.

Апелираме до граѓаните да не го користат минор коритото на Вардар на потегот од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување до мостот во изградба, додека нивото на Вардар не се стабилизира, иформираше на социјалните мрежи градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2022 04:07