Речиси 100-годишната Лили Еберт, која го преживеала Холокаустот, а минала четири месеци во Аушвиц, неодамна стана прабаба по 35-ти пат.

– За секоја жена што ќе стане прабаба, тоа е нешто посебно. Но, во мојот случај, тоа значи уште повеќе. Тоа е навистина исклучителна работа!, изјави Еврејката која пораснала во Унгарија.

Таа била ослободена од американските војници во април 1945 година, кога имала 20 години. А, денес, 77 години подоцна, таа вели дека новородените бебиња се „најдобрата одмазда кон нацистите“. Нејзиниот најмал внук стана татко на почетоков на јануари, а со тоа Еберт стана прабаба 35-ти пат.

– Никогаш не мислев дека ќе доживеам вакво нешто. Прво се борев за мојот живот, морав да преживеам, а потоа – оваа година… Нацистите сакаа да нѐ убијат и истребат, а ние им покажавме дека не можат, вели таа.

По нејзиното ослободување, Еберт минала една година во Швајцарија, а потоа, во 1946 година се преселила во Израел.

И нејзиниот 18-годишен правнук Дов Форман ја пофали својата прабаба на Твитер.

– Мојата 98-годишна прабаба Лили Еберт, која го преживеа Аушвиц, штотуку стана прабаба по 35-ти пат, напиша тој.

Момчето напишало и книга со својата прабаба, со наслов „Ветувањето на Лили“, која го опишува нејзиниот живот.

– Ние се стремиме да ја пренесеме нејзината приказна на што е можно повеќе луѓе, и на социјалните мрежи и преку нашата книга. Можам цел ден да ви раскажувам колку многу научив од неа… Таа е вистинска кралица на семејството. А, ние сме едно многу силно и хармонично семејство на чело со Лили. Таа едноставно нѐ инспирира секој ден!“, пишува правнукот Форман.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2022 13:18