Изградбата на хидросистемот „Брана Конско“ и придружните објекти влезе во завршна фаза на изведување, односно 85 отсто од работата на терен е завршена, истакнаа денеска од турската компанија „Серка“, која е изведувач. Посочија дека планираат техничкиот прием да почне од јули.

Од компанијата потенцираа дека изградбата на браната „Конско“ првично било планирано да заврши кон крајот на 2020 година, но нагласија дека актуелната состојба со здравствената криза, бавната работа на некои институции, како и задоцнетото пристигнување на специјални материјали и опрема од странство, кои се дефицитарни кај нас, придонеле да се пролонгира предвидениот рок за завршување на градежните работи.

На браната, чиј капацитет на акумулација изнесува 21 милион метри кубни вода, стручните лица од фирмата изведувач велат дека ќе и треба време за полнење од една до две години во зависност од количината на врнежи во тој период.

-Браната „Конско“ е од типот на каменонасипни брани со асфалтнобетонско јадро кое се вградува со специјална опрема под буден надзор на стручен персонал. Овој тип на брани во моментов е многу актуелен во светот, а браната „Конско“ ќе биде втора во нашата земја изградена на ваков начин, велат од компанијата „Серка“.

Браната „Конско“ е најголем капитален проект во општина Гевгелија во изминативе 50 години за чија реализација Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку програмата за рурален развој издвои 40 милиони евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2022 15:51