Во координација со Градот Скопје, ЈП Комунална хигиена-Скопје со 30 работници на терен спроведува активности за чистење на снегот и мразот на скопските булевари и улици.
Екипите на Претпријатието го расчистуваат и централното градско подрачје, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, како и Старата чаршија. Се расчистува реонот околу Градската болница, Државната болница, Владата и Собранието на РМ, а континуирано се посолуваат пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“, и „Слобода“, како и пешачките мостови во централното градско подрачје, со цел да се овозможи безбедно и проодно движење на пешаците.
Од механизацијата се употребуваат специјални комунални возила- мултикултиватори и патарки за расфрлање на сол. Во согласност со временските услови и потребата на терен, активностите ќе продолжат и во текот на целиот ден и вечерните часови.