Како една од најважните сообраќајни крстосници, територијата на општина Кичево изобилува со висок интензитет на сообраќај во текот на целата година, а најмногу оваа фреквенција е изразена во текот на летните месеци, поточно од мај до септември, кога луѓето заминуваат на одмор во Охрид, Струга или се упатуваат во соседна Албанија.

– Високиот интензитет на сообраќај на патиштата во Кичевско и возачкото невнимание, придонесоа во изминатата година на подрачјето на ОВР-Кичево да се случат дури 267 сообраќајни незгоди, потврди за МИА портпаролот на СВР-Охрид, Стефан Димоски.

Во 2021 година во 267-те сообраќајки што се случија на територија на ОВР-Кичево, едно лице го загубило животот, а дури 174 биле потешко и полесно повредени.

За возачката недисциплина потврдува и бројот на лица за кои е поведена прекршочна постапка поради управување на моторно возило без возачка дозвола,нивниот број изнесува 647 лица.

– Друга причина која придонесе за големиот број сообраќајни незгоди е неприлагодената брзина на условите на патот, каде се регистрирани 973 прекршоци. Додека во истиот период регистрирани се 148 лица кои возеле под дејство на алкохол, истакна портпаролот Стефан Димоски.

Посочи и дека голем број на напади од кучиња скитници се регистрирани во текот на минатата година во ОВР-Кичево.

– Еден од градовите каде што во голем број се присутни напади од кучиња скитници врз граѓани е Кичево.Така во изминатата календарска година на територијата на ОВР-Кичево регистрирани се дури 237 напади од кучиња скитници, а оваа бројка е можно да е и поголема, бидејќи дел од настраданите и не го пријавиле овој напад, додаде Димоски.

Тој наведе дека бројот на регистрирани кражби во изминатата година на територија на ОВР-Кичево изнесува изнесува 65, додека во 21 случај имало нарушување на јавниот ред и мир.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/01/2022 16:35