Автомобил марка „ауди„ со скопски регистарски таблички со кое се превезувале девет мигранти утринава излетал од коловозот на патот Валандово-Струмица, на почетокот на делницата „Валандовско брдо“. Според очевидци, автомобилот бил извлечен со дигалка и со помош на пожарникарите.

Настанот го потврдија од СВР Струмица од каде прецизираа дека денеска во 06:05 во Полициската станица Валандово било пријавено дека на регионален пат Р 1401, Валандово-Струмица, патничко моторно возило „ауди“, со скопски регистерски ознаки, излетало надвор од коловозот, а во него се превезувале девет мигранти од Сирија.

-Еден од мигрантите се здобил со телесни повреди, констатирани во Медицински центар Гевгелија, а увид на местото извршила екипа на Полициска станица Валандово. Мигрантите се пренесени во Прифатен центар „Винојуг“ Гевгелија, а Секторот за внатрешни работи Струмица презема мерки за пронаоѓање на возачот на возилото, кој го напуштил местото на настанот, информираше портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова.

Заради вршење увид на местото на сообраќајката и извлекување на автомобилот сообраќајот на овој патен правец беше во прекин од околу триесетина минути.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/01/2022 12:25