На денешната прес-конференција за презентација на реализираните ветувања кои што градоначалничката Арсовска ги вети во предизборанта кампања, таа додаде и дека покрај ветувањата кои што биле предвидени во првите 82 дена, реализирани се дополнително активности кои што се од значење на Скопје и скопјани. Градоначалничката Арсовска потенцираше дека ова беше период во кој се покажа дека во Скопје се можни промени, а од февруари стартуваат големите и важни инфраструктурни проекти за Скопје.

Арсовска истакна дека по две години повторно е во функција жичницата до врв на Водно. ЈСП ги заврши сите неопходни процедури за пуштање на жичницата во функција од технички и од безбедносен аспект. Во изминатиот период направен е редовен годишен преглед од овластена институција, мониторинг од Државен инспектор за жичници, како и редовен технички преглед, се со цел жичницата да биде безбедно превозно средство за скопјани.

Во насока на олеснување на сообраќајот во оптек се пуштени и трите автобуски линии до Средно Водно и тоа 25, 25А и 25Б. Од моментот на почнување со работа на жичницата за само 1 месец ја имаат користено повеќе од 25 илјади посетители и ова е факт кој сам по себе говори за важноста на реактивирањето на жичницата, додаде Арсовска.

Транспарентноста и отчетот се главните принципи врз кои треба да се темели работата на Град Скопје. За таа цел за прв пат од функционирањето на Советот на Град Скопје се овозможи со директен пренос во живо да се одвиваат седниците на Советот на Град Скопје со што демонстрираме транспарентност во работењето на Советот, истакна градоначалничката Арсовска.

Преку јавните седници скопјани можат изворно да се информираат за донесените одлуки од Советот, како и за проектите и програмите на Град Скопје. Седниците на Советот редовно се следат од над 20 илјади граѓани, што е доказ за високиот степен на интерес од граѓаните и потврда за важноста од транспарентноста на одлуките на членовите на Советот.

Арсовска истакна дека во првите 82 дена е потпишан нов Колективен договор на ниво на работодавач со репрезентативната Синдикална организација на Град Скопје.

Ова не е само чекор кон пoдобрување на работничките права на сите вработени во Град Скопје, туку со него се надминуваат спорните одредби кои во изминатиот период беа и предмет на судски спорови. Колективниот договор за прв пат ги има вклучено и барањата на вработените во Противпожарната бригада коишто досега беа уредени со Правилник, со што се овозможува правично вреднување на нивниот труд и работа. Со потпишување на Колективниот договор за вработените во градската администрација конечно се унапредуваат правата за кои се залагаа долги години, а претходно со години наназад се немаше слух од градската администрација, вели Арсовска.

Покрај реализацијата на сите ветени проекти во првите 82 дена и оние што дополнително се реализирани во координација со граѓаните и нивните потреби, во 82 дена реализирани се повеќе од 40 официјални средби со дипломати, претставници од меѓународната заедница и меѓувладини интернационални организации.

Со цел унапредување на заемната соработка ги интензивиравме можностите за билатерална соработка во неколку области на делување согласно со планот на Градот Скопје за имплементирање на добрите европски практики, особено преку унапредување на соработката во сферата на зелената трансформација и заштита на животната средина. Контактите со земјите од Европа можат да придонесат во креирање на идеи за развој и модернизација на Скопје, заврши Арсовска.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/01/2022 15:32