Ѓорче Петров добива се поголеми сметки за струја, посочи градоначалникот Александар Стојкоски во емисијата „Топ тема“. Тој објасни дека е побарано од Владата спроведување на мерки со кои би можело да се помогне на сите општини, но досега, нема одговор. Високите сметки за електрична енергија ќе преставуваат проблем, бидејќи ќе треба да се плаќаат од средства наменети за спроведување на проекти.
„Плаќаме струја по енормно високи цени, договорот со фирмата добавувач е завршен на 31.08 минатата година. Од тогаш навака, имало една јавна набавка која што била неуспешна. Во новиот буџетот предвидовме 37 милиони денари за набавка на електрична енергија. Во постапка сме за распишување на тендер за набавка на добавувач, иако на последниот тендер, се јавиле се многу повисоки цени и се откажале. Во делот со кризата, најпластично, ситуацијата е следна: Ако сме плаќале 800 илјади денари до октомври, сега, последната сметка беше околу 4.8 милиони денари. Не знам каква ќе биде сметката за јануари, ги немаме пресметките. Но верувам дека ќе оди во нагорна линија. Со оглед на приливите кои имаме како Ѓорче Петров, претставувам огромен издаток, кој ќе се одрази во спроведувањето на проектите“, рече Стојкоски.
Тој додаде дека преку ЗЕЛС е побарано помош од Владата за надминување на енергетската криза, но, нема предлог решенија ниту насоки како да се постапи во постоечката енергетска криза.
„Сега за сега немаме поддршка од централната власт и сакам тоа да се промени, бидејќи е во интерес на сите, иако сме ние од различни политички страни како локална власт и централна“, додаде Стојкоски.
Тој наброја дел од мерките, како што се да се субвенционира разликата помеѓу тоа што се плаќало претходно споредено со сметките кои стигнуваат сега, тоа што се собира како такса за јавно осветлување по таа цена и да се наплаќа уличното осветлување, училиштата како и градинките да бидат на регулиран пазар бидејќи се непрофитабилни организации кои работат со деца, но и општините да се вратат на регулираниот пазар што би било од најголема помош.
„Како општини ние од наша страна, единствено можеме да спроведеме е максимално да бидеме штедливи и да приминеме кон рестрикции на јавното осветлување. Не сакаме да се доведеме до таа ситуација, бидејќи би ја загрозиле безбедноста на жителите. Таа работа би повлекла многу други елементи. Ние бидејќи имаме смарт систем за јавно осветлување, имаме и план за рестрикции. Сега за сега нема да настапи. Ако бидеме приморани, тоа е последно што сакаме да го направиме“, додаде Стојкоски.