Со завршување на реконструкцијата на последните два тоалети, се заокружува целосната реконструкција на санитарните јазли во детската градинка „13 Ноември“ – објект Беко во Општина Центар.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со директорката на градинката „13 Ноември“, Ружица Биџовска и раководителката на општинскиот Сектор за јавни дејности, Јагода Јанковска, денеска направија обиколка на градинката, со цел лично да се запознаат со завршените работи.
– Во денешната обиколка на градинката имав можност лично да се уверам во квалитетната изведба и функционалноста на новите тоалети. Наша цел и задача е нашите деца да имаат квалитетен престој и функционални детски градинки, изјави Герасимовски по посетата.
Воедно, во програмата за 2022 година, како што се наведува во соопштението од Општина Центар, предвидена е и целосна реконструкција на фасадата и покривната конструкција на градинката „13 Ноември“ – објект Беко, со што се решава уште еден голем проблем, а децата ќе добијат уште подобри услови за престој.