Тетовската полиција оваа недела секојдневно контролира колку возачите ги почитуваат обврските кон пешаците. Денешната засилена акција од 8 до 12 часот резултирала со 13 казни за возачи, додека вчера налози им се дадени на 15 лица при контролата на тие кои не им дале првенство, односно предност на пешаците.

– СВР Тетово ќе продолжи со вакви активности и во наредниот период и повторно апелира до возачите секогаш да им даваат првенство и да ги пропуштаат пешаците, а на пешаците,пак, им се советува да не ги преминуваат улиците каде ќе стигнат и редовно да ја почитуваат постоечката хоризонтална и друга сообраќајна сигнализација,истакна портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

На сите прекршители им се изготвени поднесоци и тие ќе се соочат со законските предвидени парични глоби, кои за овој вид прекршок изнесуваат 250 евра во денарска противвредност согласно член 122 точка 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/02/2022 03:54