Во насока на зголемување на безбедноста на пешаците и велосипедистите, вклучително и нормализирање на сообраќајот во Дебар Маало, од понеделник започнува реконструкција на три сервисни улици, најавија од Општина Центар.

Согласно општинската програма за реконструкција и рехабилитација на улици, денеска како што информираат од ова скопска општина, се вршат подготвителните работи, за веќе од понеделник да започнат градежните зафати на „Дебарска“, „Црвена Вода“ и „Партизанска“.

На улицата „Дебарца“, најавуваат, ќе се реконструира коловозот на површина од 1500 м2 и ќе се постават нови рабници на тротоарите, во должина од 450 метри. Улицата „Црвена Вода“ ќе добие нов коловоз на површина од 650 м2 и нови рабници од двете страни на улицата, во должина од 400 метри, а реконструиран коловоз ќе добие и улицата „Партизанска“, на површина од 1300 м2, со нови рабници од двете страни, во должина од 500 метри квадратни.

– Со овие три реконструкции на жителите им овозможуваме одвивање на сообраќајот по нов коловоз, истовремено водејќи сметка и за добросостојбата на пешаците и велосипедистите. Со реконструкциите ќе продолжиме и во идниот период, со цел создавање на безбедна и функционална сообраќајна мрежа на територијата на цела општина, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Реконструктивните зафати на „Дебарска“, „Црвена Вода“ и „Партизанска“ ќе завршат кон крајот на мај годинава, а наредни улици за реконструкција се „Петар Поп Арсов“, „Рајко Жинзифов“, „Ристо Шишков“ и „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/02/2022 15:00