Аукциската куќа „Сотби“ објави дека 200 пара патики „Луј Витон“ и „Најки ер форс 1“ од покојниот американски дизајнер Вирџил Аблох, се продадени на наддавање за вкупно 25 милиони долари.

Само за еден од паровите биле платени повеќе од 350.000 долари на интернет-продажбата што траеше од 26 јануари до 8 февруари. Износите далеку ги надминуваат првичните проценки на „Сотби“, од каде што ја започнаа аукцијата со 2.000 долари и предвидуваа дека ќе се продаваат меѓу 5.000 и 15.000 долари по пар. На крајот, најевтиниот пар е продаден за нешто повеќе од 75.000 долари.

Специјалното издание на патиките, направени од телешка кожа, првично беше создадено за машката колекција пролет-лето 2022 година на „Луј Витон“, чиј уметнички директор беше Аблох.

Приходите од продажбата се наменети за Фондот за стипендии основан од креативецот кој поддржуваше амбициозни дизајнери од афроамериканско и африканско потекло.

Аблох, диџеј со многу таленти, архитект и дизајнер почина во ноември на 41-годишна возраст, по битка со ракот. Тој беше првиот Афроамериканец именуван за креативен директор на водечката француска модна куќа.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/02/2022 12:04