Средбите на министерскиот состанок на НАТО денеска продолжија со сесии на кои учествуваа партнерите на Алијансата, вклучувајќи ги и Украина и Грузија.

Министрите за одбрана ја потврдија политиката на отворени врати на Алијансата и потребата секоја суверена земја самостојно да одлучува за нејзината иднина.

Министерката Петровска, во заедничката изјава на оваа сесија која ја даде во име на Македонија, Албанија, Хрватска и Црна Гора ја поздрави соработката на НАТО со партнерите, која е значаен механизам за унапредување на безбедноста и ги поздрави напорите на Украина и на Грузија за имплементација на одбранбените реформи. Министерката порача дека Македонија, Албанија, Хрватска и Црна Гора се подготвени за споделување на искуствата и научени лекции во процесот на интеграција.

Петровска заедно со сојузниците ги поддржа напорите на Украина и на Грузија за решавање на сите предизвици по мирен пат и со силна дипломатска активност, а особено ја поздравија смиреноста и воздржаноста на Украина во контекст на дестабилизирачките активности на руско-украинската граница.

За соработката со најблиските партнери на Алијансата – Шведска, Финска и Европската Унија, заклучено беше дека таа е круцијална за безбедноста во евроатлантската област и дека и НАТО и ЕУ се засноваат на истите вредности и истата определба за мир и безбедност во глобални рамки. Министрите се заложија за блиска соработка и постојана координација на теми од заедничко значење како справувањето со сајбер заканите и хибридните закани, борбата против тероризмот и отпорноста на климатските промени.

Министерката Петровска денеска во седиштето на НАТО имаше средба со својот колега од Албанија, Нико Пелеши, при што беше потврдена посветеноста на Министерството и на Македонија на развојот на меѓусебната одбранбена соработка. Балканските земји – членки на НАТО се столбот на безбедноста на регионот и затоа потребна е силна и интензивна соработка помеѓу министерствата за одбрана и припадниците на вооружените сили.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/02/2022 03:28