Ситуацијата во и околу Украина и подготовката за Самитот на Алијансата што ќе се одржи во Мадрид во јуни годинава, беа главни теми на дискусија на дводневниот состанок на министрите за одбрана во рамки на Северноатлантскиот совет на НАТО во Брисел на кој учествуваше и министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Како што соопштија од Министерството за одбрана, во рамки на состаноците, министрите за одбрана на земјите–членки на НАТО го потврдиле со заедничка изјава единството во заштитата на безбедноста на земјите–членки и колективната одбрана, силната определба за мирно решавање на ситуацијата во и околу Украина и за изнаоѓање на политичко решение за кризата. Изразена е и силна поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. За надминување на оваа ситуација, се додава во соопштението, продолжува и определбата за дипломатско решение преку консултации со сите инволвирани страни, земји партнери и Европската Унија.

Воедно, се дискутирало и за идната поставеност на Алијансата за зајакната поддршка на членките на источното крило. Во однос на подготовката за Самитот на НАТО во Мадрид, земјите– членки постигнале согласност да се апострофираат клучните прашања за зголемување на воените способности, инвестициите во одбраната, капацитетите за отпорност, како и зајакнување на напорите за технолошки иновации.

-Во рамките на дискусијата за рамномерно споделување на товарот, министрите го поздравија континуираното седумгодишно зголемување на средствата за одбрана на Алијансата, со цел достигнување на 2 отсто од БДП за средства за одбрана, од кои најмалку 20 отсто за нова опрема, истражување и развој. Во тој контекст, министерката Петровска истакна дека Северна Македонија веќе петта година по ред бележи континуирано зголемување на средствата за одбрана. Во 2022 година, средствата за одбрана изнесуваат 1,77 проценти од БДП, со што нашата држава до 2024 година ќе го достигне нивото од 2 отсто. Оваа година се обезбедени над 30 проценти за опремување на вооружените сили со што Северна Македонија се вброи во групата од 24 сојузници кои ги исполнија насоките од Велс по однос на опремувањето, се наведува во соопштението.

Министерката Петровска, соопштувајќи ја заедничката изјава на министрите за одбрана на Албанија, Хрватска, Црна Гора и Северна Македонија, ја поздравила соработката со партнерите Грузија и Украина. Таа ги поздравила и напорите на двете земји во имплементацијата на одбранбените реформи, изразувајќи ја подготвеноста за споделување на искуствата и научените лекции од интеграцијата во Алијансата и постигнувањето на целосна интероперабилност.

Во однос на соработката меѓу НАТО и ЕУ, министерката Петровска истакнала дека двете организации се засноваат на исти вредности и споделуваат исти безбедносни закани. Од таа причина се заложила за унапредување на меѓусебната координација на области од заедничко значење, како справувањето со сајбер и хибридни закани, борбата против тероризмот, климатските промени и отпорноста. Воедно, истакнала дека политиката на „отворена врата“ е основен принцип на европската безбедност и дека проширувањето на ЕУ треба да се забрза во насока на зајакнување на стабилноста



Автор: Администратор
Објавено на: 18/02/2022 03:28