Министрите за надворешни работи на Г7 денеска ја повикаа Русија да ги намали тензиите околу Украина и соопштија дека не гледаат докази дека Москва ги намалува воените активности во близина на украинската граница.

– Ја повикуваме Русија да го избере патот на дипломатијата, да ги намали тензиите, суштински да ги повлече воените сили блиску до украинската граница и целосно да ги почитува меѓународните обврски, се вели во заедничкото соопштение на Г7 кое го објави британското Министерство за надворешни работи.

Г7 очекува Русија како прв чекор да го спроведе најавеното намалување на воените активности долж украинската граница.

– Сè уште не видовме докази за намалување на овие активности, наведоа министрите за надворешни работи на Г7.

Тие исто така ја потврдија „солидарноста со народот на Украина и поддршката за напорите на Украина да ја зајакне својата демократија и институции“ и охрабрија натамошен напредок во реформите.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/02/2022 04:01