Во драматично финале во кое победникот беше одлучен по продолжение, кошаркарките на Баскет Кам 2011 го совладаа вечерва во Скопје Бадел 1862 со 64-61 (58-58, 37-30) и го одбранија трофејот во Македонскиот куп „Благоја Георгиевски – Буштур“.

За екипата од Македонска Каменица ова е втора куп титула, додека Бадел 1862 остана на трите трофеи под тоа име освоени во серија (2017, 2018 и 2019).

Во вечерашното финале кошаркарките на Баскет Кам влегоа во завршните десет минути од регуларниот дел со предност од 49-40, но Бадел 1862 со серија од 10-0 на стартот од четвртата четвртина навести неизвесна завршница.

Откако финалето во регуларниот дел заврши 58-58, кошаркарките на Баскет Кам подобро се снајдоа во продолжението и на крајот се радуваа на вториот куп трофеј во клупската историја.

Најефикасна во редовите на Баскет Кам беше српската интернационалка Кристина Пуљизовиќ со 23 поени и 17 скокови, додека Александра Стојановска со 22 кошеви беше најистакната во составот на Бадел 1862.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/02/2022 04:49