Ризикот од голем конфликт е реален и треба да се спречи по секоја цена, изјави денеска заменик-генералниот секретар на ОН, Розмари ДиКарло на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН во врска со ситуацијата во Украина.

Таа потсети дека одлуката на Русија да ја признае независноста на дел од сепаратистичките региони Доњецк и Луганск „со нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“ претставува ризик од регионални и глобални последици, објавено е на веб-страницата на Советот за безбедност на ОН.

– Исто така, жалиме за денешната наредба да се распоредат руски војници во источна Украина, наводно во „мировна мисија“, додаде ДиКарло, потсетувајќи дека таквиот развој на настаните следува по одлуката за „масовна евакуација на цивилите од Доњецк и Луганск во Русија“.

Висок официјален претставник на ОН, исто така, изрази загриженост поради ескалацијата на гранатирањето преку линијата на контакт, што наводно довело до „голем број жртви“.

Податоците на Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ покажуваат вкупно 3.231 прекршување на примирјето во регионот Донбас од 18 до 20 февруари, 1.073 прекршувања на примирјето, вклучувајќи 926 експлозии во регионот Луганск и 2.158 прекршувања на примирјето, вклучително и 1.100 експлозии во регионот на Доњецк.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/02/2022 15:34