Делегација на Владата предводена од вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска оствари две одделни средби со претставници на стопанските комори на емиратите Абу Даби и Шарџа. Владината делегација втор ден е во официјална посета на Обединетите Арапски Емирати, а претходно учествуваше и на Бизнис конференцијата која се одржа во Експо Дубаи

-На средбата со претседателот на Стопанската комора на Абу Даби, Абдула Мохамед ал Мазруи и генералниот директор на комората Мохамед Хелал ал Мехри, се разговараше за детектирање на можностите за соработка, при што е констатирано дека има можност за воспоставување на соработката во замјоделското производство, преработка и пакување на храна и пијалаци, како и во секторот енергетика, за искористување на искуството во однос на изградба на производствени капацитети од обновливи извори, соопшти владината прес-служба.

Вицепремиерот Битиќи и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на двата состанока со стопанските комори од Абу Даби и Шарџа, ги презентираа можностите за инвестиции во нашата земја, како и поволностите кои ги овозможуваат законите за стратешки инвестиции, за енергетика, за финансиска поддршка на инвестиции и за контрола на државна помош, при што истакнаа дека Северна Македонија има одлични услови за водење бизнис, отворена и партнерски насочена Влада, како и конкуретни мерки за поддршка. Пост-ковид периодот, по научените лекции за време на ковид кризата., како што навеле, треба да се искористи за инвестиции во производствени капацитети кои ќе бидат блиску до европските пазари и се дел од вредносните ланци на големите меѓународни компании.

Делегација од Северна Македонија се сретна и со претседателот на Стопанската комора на Шарџа, Абдула Султан ал Оваис, пришто, стои во соопштението, се запознаа со потенцијалот на оваа стопанска комора за организација на големи меѓународни саеми, кои би можеле да се искористат за воспоставување взаемна соработка помеѓу коморите од Северна Македонија и ОАЕ и отворање поголеми можности за пласман на производите од нашата земја на меѓународни пазари.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/02/2022 16:38