Виртуелна работна средба за подготовна за овогодинешниот Европски квиз на пари се одржа денеска со пријавените ментори од 73 основни и средни училишта од земјава и нивните ученици од 186 одделенија односно класови. Европски квиз на пари е еден од најзначајните меѓународни настани, чија цел е финансиска едукација на учениците од 13 до 15 години, соопшти Македонската банкарска асоцијација.
Менторите и учениците беа запознаени со начинот и текот на одржување на квизот и материјалите за подготовка од Народната банка и Комисијата за хартии од вредност. Воедно, беше спроведена и кратка вежба за учесниците на националниот натпревар. На настанот присуствуваа и минатогодишните победници, кои ги споделија своите впечатоци од натпреварот. Националниот натпревар, на кој ќе се дознаат двајцата ученици кои ќе ја претставуваат земјава на европското финале, ќе се одржи на 24 март преку електронската платформа „Кахут“. Нашата земја по четврти пат е дел од овој значаен проект на Европската банкарска федерација кој има за цел да поттикне финансиската едукација на младите во Европа, информираат од Македонската банкарска асоцијација.
Квизот го организира Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност и со поддршка од Министерството за финансии и Министерството за образование и наука.