Прво мораме да инвестираме во обновливи извори на енергија, но потребно е и урамнотежување на енергијата. Ова е тема за која што треба да се дискутира регионално, истакна премиерот Димитар Ковачевски на денешниот Инвестициски самит на Западен Балкан во Лондон, зборувајќи за обновливите извори на енергија.

Тој истакна дека е клучно тоа што Македонија започна со трансформација на енергијата и во моментов се одививаат бројни проекти од таа област, од кои повеќето се финансирани од приватни инвеститори.

– Веќе ги трансформираме сите рудници на лигнит во соларни постројки, а влеговме и во втора фаза на еден голем хидропроект „Чебрен“ за што веќе имаме заинтересирани инвеститори кои сакаат да прејдат во втората фаза, бидејќи ова е историски проект во земјата. Ќе се произведуваат половина гигавати електрична енергија, а вршиме и трансформација на нашите постројки на мазут коишто произведуваат електрична енергија. Започнавме со промена на нашето законодавство за подобро спроведување на соларни системи за мали фирми и за домаќинствата бидејќи соларната изолација – изложеноста е речиси најголемата во светот и треба да има можност сите домаќинства да инвестираат, да можат да се поврзат со мрежата и да вршат размена со дистрибутерите на електрична енергија. Тоа е патот по којшто треба одиме. Значи, трансформација на енергијата, диверзификација на енергијата бидејќи сега сме целосно зависни од рускиот гас, а како што сите видовме Северна Македонија е целосно усогласена со активностите на ЕУ поврзани со руската агресија на Украина и му даваме поддршка на украинскиот народ уште од самиот почеток, а ќе го правиме тоа и во иднина, истакна Ковачевски.

Премиерот, осврнувајќи се на плановите за туризмот во Северна Македонија, посочи дека во земјата ќе се развива планинскиот, како и езерскиот туризам. Тој потенцираше дека езерскиот туризам е на особено на високо ниво, споменувајќи го Охридското Езеро. Тој напомена дека во тој регион има аеродром, како и оти во моментов се гради нов автопат.

– Имаме можност во земјата и за инвестиции во скијачки ресорти кои се наоѓаат на надморска височина од над 2000 метри, ова е уште една можност за инвеститорите, имајќи ги предвид климатските промени, а предвидуваме и дестинации за алтернативен туризам, што всушност се дел од проектот за локална конкурентност што се спроведуваше во текот на минатите неколку години и успеа да идентификува инвеститори кои всушност инвестираат во мали капацитети за алтернативен туризам, нагласи Ковачевски.

Околу дигиталната економија, премиерот истакна дека во Северна Македонија се повеќе инвеститори инвестираат во ИТ секторот, бидејќи населението е заинтересирано да работи во тој сектор заради тоа што платите се повеќе од два ипол пати поголеми од просечната плата во земјата.

– Исто така плаќањето даноци за вработените е речиси нула или до нула, кои што работат во ИТ индустријата. Исто така инвестираме во иновации, инвестираме во номадски концепт во дигиталната економија и ова придонесува за прогрес на земјата, заклучи Ковечевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/02/2022 13:39