Македонија2025 објави повик за учество во проектот ЛИДЕР, кој по 14-ти пат ќе се одржи од 3-ти до 14-ти мај годинава во Скопје. Проектот го реализираат во соработка со Ivey Business School – Western University, кои ја организираат програмата уште од 1991-та година. Програмата претставува десетдневна MBA (Management and Business Administration) обука, која ги охрабрува и поттикнува македонските претприемачи да развијат локални бизнис решенија, кои ќе создадат нови можности за социјален и економски општествен развој.

-Преку интерактивни методи на учење со „студии на случаи“, учесниците ќе имаат можност да се стекнат со корисни дополнителни знаења и вештини за секоја фаза од развој на бизнисот, поврзани со изработка на стратегија, финансии, маркетинг, промоција, продажба и развој, како и целосно да го развијат чувството за бизнис, соопштија денеска од Македонија 2025.

По завршување на предавањата, учесниците ќе имаат можност за индивидуална менторска сесија со некој од инструкторите од Ајви школата и/или ментори обезбедени од Македонија2025. На повикот може да се пријават учесници до 35 години – претприемачи, менаџери, сопственици на компанија, млади професионалци од бизнис сферата и сите кои се заинтересирани да ги продлабочат своите знаења од сферата на бизнисот и претприемништвото.

Инструкторите на проектот ЛИДЕР доаѓаат од канадската Ivey School of Business, а на пријавените кандидати, како што стои во информацијата, ќе им помогнат да воведат новитети во работењето на нивниот веќе постоечки бизнис или пак да ги претворат своите идеи во успешни бизниси на пазарот.

Повикот е отворен до 15-ти април 2022 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/02/2022 14:39