Во Скопје денеска се одржа првиот Регионален младински саем за вработување, чија цел е придонес кон професионален развој и економска независност на младите преку одржлив систем за градење вештини и компетенции прилагодени на потребите на пазарот на труд.
На Саемот беа претставени повеќе од 30 компании од различни индустрии, меѓу кои ИТ, маркетинг и односи со јавноста, човечки ресурси, трговија и продажба, како и неформално образование.
Официјалното отворање на настанот започна со поздравни говори на претставниците од Националниот младински совет на Македонија и Британската амбасада во Скопје, кои ја потенцираа важноста на обезбедување поддршка за младите за нивно полесно вклучување на пазарот на трудот.
– Горди сме што како Влада на Обединетото Кралство имаме можност да поддржиме проекти кои им нудат директна помош на младите луѓе во Северна Македонија. Ова подразбира иницијативи како МладиХаб и Регионалниот саем за вработување. Важно е да инвестираме во младите бидејќи тие се движечката сила на иднината. Соработуваме со локални организации како Националниот младински совет на Македонија со цел да создадеме повеќе можности за младите преку поддржување на нивните професионални вештини, како и на сите прилики преку кои можат да стекнат практично искуство, изјави Ендрју Бренд, раководител на програма во Британската амбасада во Скопје.
Генералната секретарка на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), Мариана Ангелова истакна дека овој Саем, кој е замислен како платформа за вмрежување на младите баратели на работа со соодветните компании, ќе резултира со нови познанства, искуства, но и со што повеќе работни места за младите во регионот
– Една од главните цели на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите” е да создадеме што повеќе можности за поврзување на младите и работодавачите, но и да им помогнеме на младите да стекнат релевантни вештини со кои полесно ќе се вклучат на пазарот на трудот, посочи Ангелова.
Покрај поставените штандови, во рамки на саемот се одржа и “speed dating”, односно фокусирано запознавање помеѓу кандидатите и компаниите во краток временски интервал, а се спроведоа и повеќе од 100 интервјуа за работа. Младите лица кои беа дел од овој настан имаа и можност да проследат куса обука за кариерно насочување организирана од Националниот младински совет на Македонија и партнерската организација CEED Hub Скопје.
Регионалниот младински саем за вработување се реализираше во рамки на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите” кој го спроведува Националниот младински совет на Македонија со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.