Вината на винаријата „Tikveš Châteaux&Domainеs“ освоија четири златни медали и едно специјално признание на „Мундус вини“ 2022, еден од најпрестижните и најголеми вински натпревари во светот.

Како што информираат од „Тиквеш“, на пролетното издание на овој врвен меѓународен вински натпревар златни медали освоија Sauvignon Blanc Barovo 2021, Barovo red 2019, Domaine Lepovo Pinot Noir 2019 и Terrasse a L’Ombre 2019, при што ова исклучително вино од француската винарница на „Тиквеш“ – Château de Gourdon, беше оценето и како „Најдобро од долината на Рона“, еден од најпознатите вински региони во Франција, во кој е лоцирана винарницата. При тоа, посочуваат, виното Sauvignon Blanc Barovo 2021 уште во првата година по неговото создавање и лансирање на пазарот добива златен медал на „Мундус вини“.

Признанијата на винаријата „Tikveš Châteaux&Domainеs“ се добиени во конкуренција на илјадници вина од десетици земји во светот. Вината се оценувани од меѓународно жири составено од врвни енолози и сомелиери, признати трговци на мало со исклучително знаење на виното, вински новинари и научници од целиот свет. Оценувањето на вината се одвива „на слепо“, што значи дека жирито нема информации за карактеристиките или брендот на виното кое го дегустира.

Наградите на „Мундус Вини“ се оценети и како значајна маркетиншка алатка за зголемување на препознатливоста при настапот на високо конкурентните светски вински пазари.

Винарската визба „Тиквеш“ е најнаградуваната винарница во поширокиот регион. Во последниве години, вината на „Тиквеш“ и „Tikveš Châteaux&Domaines“ годишно освојуваат над 100 награди и признанија на реномирани меѓународни вински натпревари.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/03/2022 13:54