Собраниската Комисија за економски прашања на денешната седница ги поддржа измените и дополнувањата на Законот за трговски друштва, чија цел е поттикнување поголема иновативност и развој на севкупниот стартап еко систем.
Измените, кои го поминаа првото читање, предвидуваат развивање нов пристап до финансии за стартап компаниите и со нив, како што беше речено, се подобрува правото на информираност на малцинските акционери, согласно Препораката на Извештајот „Дуинг бизнис 2020“ на Светска банка, по индикаторот Заштита на правата на малцинските инвеститори.
Со предложениот текст, се допрецизира и обврската за примена на кодексот за корпоративно управување на берзата на која котираат акциите на друштвото и кој се применува согласно правилата за котација на таа берза.
-Активностите на бизнис ангелите се забележуваат во последните години во Република Македонија. Покрај тоа што постојат на хартија (првата мрежа се појавила во 2011 год.), имаат и реализирани инвестиции во стартап компании во државата. Meѓутоа, бизнис ангелите кои што сакаат да инвестираат во трговски друштва, се соочуваат со определени пречки во Законот за трговските друштва кои што можат да ги предомислат во идејата да инвестираат. Член 29 од Законот за трговски друштва, може да го блокира инвеститорот во основање на наредна компанија, доколку претходната во која инвестирал има блокада на жиро сметка т.е. е презадолжена. Оваа пречка не е логична бидејки инвеститорите не се занимаваат со секојдневното работење на компанијата во која инвестирале, се наведува во образложението на предлог-текстот.
Според измените, другиот проблем е тоа што при секоја инвестиција, бизнис ангелите мора да влезат во сопственичка структура со земање на удел.
-Во раните фази на развојот на една стартап компанија, многу е тешко да се определи нејзината вредност за да може да се определи и уделот кој што се зема. Исто така и самата одлука дали инвеститорот сака да влезе во сопственичка структура, посоодветно се прави во подоцнежните фази на развојот. Конвертибилниот заем е алатка која што се користи низ многу земји во светот, каде што инвеститорите одлучуваат својата инвестиција да ја дадат како заем, а подоцна истата да ја трансформираат во удел. Со воведување конвертибилен заем, ќе се создаде пат за развој на нов пристап до финансии за стартап компаниите, односно инвестиции од бизнис ангели, се прецизира во текстот.
На седницата беа поддржани и измените и дополнувањата на законите за јавни претпријатија и за државен пазарен инспекторат, исто така во прво читање.
Целта на измените на Законот за јавните претпријатија е да се воспостави мерит процедура за селекција и назначување членови на управните и на надзорните одбори во јавните претпријатија. Со измените, како што пишува во предложеното решение, се воведува транспарентност во постапката за пријавување и селекција. Дополнително, се пропишуваат и услови за разрешување на членовите на управните и надзорните одбори, се зајакнуваат критериумите за нивни членови, се намалува бројот на членови на управните и надзорните одбори, но и се утврдува профилот на лицата кои можат да бидат членови на управни и на надзорни одбори.
-Детектирани слабости се: дискрециско одлучување за бројот на членови на управните одбори кај дел од основачите на јавни претпријатија, нетранспарентна постапка за нивно именување, невоедначеност во однос на бројот на членови на управниот и надзорниот одбор, видот на образованието кое треба да го имаат членовите, работното искуство по дипломирање и надоместокот што се исплаќа, стои во текстот.
Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат се врши усогласување на прекршочните одредби согласно Законот за прекршоците. Целта е да се овозможи намалување на висината на глобите преку утврдување нивен точен распон во зависност од тоа дали станува збор за микро, мал, среден или голем трговец.
-Со определувањето надоместок на Комисијата за одлучување по прекршок формирана од страна на министерот за економија, ќе се постигне поефикасна и поефективна работа на Комисијата. Со Предлог законот се менуваат и дополнуваат условите за именување на директор на инспекторатот, условите за инспектор, начинот на вршење инспекциски надзор и мерките што може да бидат изречени против субјектите на надзор, се наведува во образложението.
Комисијата за економски прашања денеска даде зелено светло и за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за концесиии и јавно приватно партнерство, по скратена постапка, во второ читање.
Усвоен беше и предлогот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија Љупчо Пренџов, да се одржи јавна расправа во врска со економската и енергетската криза.