Многумина Јапонци се вознемирени од веста дека познатата вулканска карпа, за којашто се верува дека „го убива секој оној што ќе дојде во допир“ со неа, е пронајдена поделена на два дела.

Според легендата, фамозниот „Сешо-секи“, или „каменот-убиец“ го содржи телото на Тамамо-но-Мае – убава жена која еден феудален војсководец сакал да ја искористи за да го убие императорот Тобу (кој владеел 1107 – 1123). Приказната вели и дека тоа всушност била „злобна деветопашеста лисица“ чиј дух завршил во парче скаменета лава. Таа карпа се наоѓа во областа Точиги близу Токио, и е позната по топлите извори со сулфур.

Сега на интернет се појавија фотографии коишто покажуваат дека каменот се скршил на два речиси еднакви дела. Суеверни луѓе сега, според народните преданија, повторуваат и предупредуваат, дека каменот всушност испушта отровен гас.

„Се чувствувам како да гледам нешто што не треба да го гледам“, „Дали ова значи дека темните сили се ослободени?“ – гласат некои коментари на интернет.

Според тамошните медиуми, на карпата пред неколку години се појавиле пукнатини, кои веројатно дозволиле дождовницата да навлезе и да ја разјадува карпестата структура. Така, каменот на крајот пукнал на две. Карпата била регистрирана како историско место во 1957 година. Инаку, се споменува во делото на Мацу Башо „Тесниот пат до длабокиот север“ и е инспирација за бројни драми, романи, како и играни, но и цртани, тн. „аниме“ филмови.

Масахару Сугавара, водач на околна група водичи, изјави дека „штета е што каменот се расцепил бидејќи бил симбол на областа“, но се согласува дека природата, едноставно, си го направила своето. Властите ќе се состанат за да разговараат за „натамошната судбина“ на карпата, па можно е и да ја вратат во првобитната состојба.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/03/2022 14:05