Со поддршка од Светска банка се имплементираат девет проекти кои се однесуваат на воспоставување Интегриран финансиски систем за управување со информации – ИФМИС и Интегриран даночен информациски систем ИТИС, за модернизација на земјоделството, унапредување на основното образование, администрирање на социјалното осигурување, поврзување на локални патишта, олеснување на трговија и транспортот во Западен Балкан, унапредување на социјалните услуги, надградба и развој на патиштата – Ранковце – Крива Паланка, подобрување на општинските услуги, како и за справување со COVID-19 во Македонија.

Како што информираат од Министерството за финансии, на денешниот состанок на министерот Фатмир Бесими со регионалната директорка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер, и директорот на СБ во земјава, Масимилијано Паолучи, се дискутирало околу поддршката од Светска банка во спроведување на клучните реформи.

– Има спроведено над 60 проекти во вредност од над 2,8 милијарди американски долари и активно работи на девет проекти со вкупен износ од 480,8 милиони американски долари, кои се фокусирани во областа на енергетиката, дигитализација, инфраструктурни проекти, проекти во образованието и слично. Значајна е поддршката добиена од оваа меѓународна институција и во справување со здравствено-економската криза од Ковид-19, стои во соопштениот од министерството.

Соработката со оваа меѓународна финансиска институција се темели на Стратегијата за партнерство на РС Македонија со Светска банка, која е посветена на областа на енергетската ефикасност, дигитализацијата, подобрување на патната и железничката инфраструктура, општинските услуги, проекти во образованието, социјалните услуги и слично.

На средбата било укажано на потребата од преземање активности за забрзување на динамиката за реализација на проектите, за што била изразена подготвеност од двете страни.

– Во контекст на актуелната состојба со енергетската криза и растот на цените на енергенсите, особено по настаните во Украина, беше посочено на мерките што се преземаат за справување со енергетската криза и се упати на значењето на проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор во вредност од 25 милиони евра кој има за цел е намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор преку енергетско ефикасни инвестиции во општините, дополнуваат од министерството.

Биле истакнати мерките што се преземени од страна на Владата во насока на заштита на животниот стандард и да се влијае да нема висок раст на цените на енергенсите, како и за пензиските реформи со утврдената нова Методологија за пресметка на пензиите што треба да започне да се применува од октомври оваа година, а со која се обезбедува системско и одржливо решение за раст и исплата на пензиите.

Министерот потенцирал дека, како и за време на пандемијата, кога беа создадени и имплементирани пакети мерки за поддршка, проактивен однос Владата има и за енергетската криза, за што, како што пренесуваат, се следат состојбите и веќе се работи на дизајнирање мерки.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/03/2022 14:54