Последните две години земјава бележи послаби резултати во стартап еко системот. Има помалку нови прозводи, претприемачи и фирми. Сепак, услугите, дигитализацијата и зелената економија, се сферите во кои постои најголем интерес за почнување стартап бизнис, а тука се сконцентирани и најголемиот дел од размислувањата за иновации. Во овие сегменти е и најголемата поддршка, техничка и финансиска.

-Во однос на институциите, се движиме на ниво рамноправно со регионот, но во однос на нови прозводи, претприемачи и претпријатија, последниве две години има послаби резултати поради целокупната состојба и затоа што имаше големи ограничувања кои за млад и почетник во бизнисот, не се така непремостливи пречки, смета креаторот на Програмата за стартап компании, Ристо Иванов.

Програмата ја спроведува Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања при Стопанската комора на Македонија, а ќе овозможи следните четири месеци заинтересирани млади луѓе да научат како својата идеја да ја преточат во бизнис.

Програмата почна денеска и треба да заврши во јуни 2022 година.

-Програмата има намера да ги издигне способностите на младите луѓе кои имаат амбиции да почнат свој бизнис. Секоја недела ќе се обработуваат теми кои ќе ги водат заинтересираните чекор по чекор, до крајниот резултат – изработка на бизнис план и негово презентирање пред инвеститори. Комората обезбеди сите овие чекори да се изведат до крај. Целта е, оние што ќе бидат подготвени и одлучни да почнат бизнис, да бидат поддржани од инвеститори за да формираат фирма и да продолжат на пазарот. Најважно е дека во Програмата посебно значење се дава на претприемачките вештини и начините како младите луѓе своите идеи да ги преточат во дела. Крајниот резултат од Програмата е млад претприемач кој е во состојба да ја развие својата бизнис идеја, да подготви бизнис план и да го презентира пред инвститорите, изјави Иванов.

Според претседателот на Советот за високо образование и стратешки истражувања, Глигор Бишев, Комората ќе ја понуди и својата инфраструктура на релации со бизнисите, како во земјава, така и во странство, за стартапите да бидат што побрзо прифатени и вмрежени.

-Стартап економијата е најдинамичниот сегмент од секоја национална економија и во него се раѓаат нови идеи, нови технологии, претежно од млади ентузијасти. Дел од нив подоцна стануваат газели кои го движат економскиот раст и развој. Стопанката комора одлучи да го поддржи и да го охрабри и овој сегмент од економијата преку организирање стартап академија. Преку академијата ќе се мотивираат и охрабрат пред се малдите ентузијасти кои имаат напредни идеи, идеи за нови технологии, да ги развијат, да направат соодветен бизнис план и во рамки на Стопанската комора да ги презентираат пред соодветни инвеститори, истакна Бишев.

Советот кој функционира од лани, веќе почна со шестмесечни обуки за бизнис лидери и за развој на мали и средни бизниси.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/03/2022 17:02