Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ја посети фабриката за производство на масло за јадење „Брилијант“ во Штип и направи увид како се спроведуваат одлуките кои што ги донесе Владата по предлог на Министерството за економија за заштита на домашното производство на основни прехранбени производи.

Бектеши истакна дека домашните капацитети за производство на оснoвни прехранбени производи се ставени во полн капацитет, а мерките кои што беа донесени од Владата имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштитат граѓаните.

-Има доволно количини на основни прехранбени производи од домашно производство. Македонија има многу подобри цени споредено со земјите во регионот, а цените дополнително ќе се намалат во наредниот период и како резултат на одлуката за намалување на маржите и како резултатите на намалувањето на ДДВ на основните прехранбени производи од 5% на 0% за што законското решение беше донесено вчера од страна на пратениците во Собранието, вели Бектеши.

Генералниот директор на „Витаминка“, Сашо Наумоски а во чија сопственост е и фабриката „Брилијант“-Штип потенцираа дека ги следат одлуките кои што ги носи Министерството за економија и најтранспарентно ги спроведуваат.

-Нема да има недостиг на масло за јадење, има доволно залиха и производство. Нема потреба од паника кај граѓаните да купуваат големи количини. Ние како производител на масло за јадење ги следиме и најтранспарентно ги спроведуваме одлуките на Министерството за економија, вели Наумоски.

Прашан дали како компанија се соочува со проблеми на набавка на репроматеријали со оглед на кризата, Наумоски со одговор дека од ден на ден се менуваат ситуациите.

-Се надеваме дека нема да имаме проблем. Ние имаме потпишано договори. Витаминка е сериозна компанија и обично за три месеци залихи чуваме за сите репроматеријали и суровини. Се надеваме дека соседството ќе ги отвори границите за извоз на суровини и дека нема да имаме проблем за наредниот период за после три месеци. Мислам добивме уверување од министерот дека сериозно се работи, дека со РСрбија ќе се договорат отворените граници за проток на пченица, брашно, масло. Така да мислам дека за три месеци нема да имаме проблеми, ќе ги реализираме нашите договори што ги имаме со Србија, вели Наумоски.

Македонските граѓани годишно користат околу 25.000 тони масло за јадење, покажуваат анализите на Наумоски. Прашан дали секојдневно расте цената на суровината за маслото за јадење, а тоа е сончогледот, Наумоски вели дека за цените одат нагоре заради актуелната состојба меѓу Русија и Украина,

-Инаку Русија и Украина се најголемите производители на масло за јадење во светот, негде околу 55 посто двете земји имаат производство на сончогледово масло. Цените одат горе, но мислам повеќе тоа е психоза дека ќе се стабилизира цената, дека ќе се врати. Тие количини што не се извезувата сега мора еден ден да излезат и очекуваме дека за брзо ќе се стабилизира ситуацијата и се надеваме дека војната за брзо ќе запре во тој регион, вели Наумоски.

Македонските компании за производство на масло за јадење суровините најмногу ги снабдува од Србија, Бугарија, бидејќи какошто рече ние немаме големи капацитети за да купуваме бродски транспорт на масло сурово за јадење од Украина или од Русија. Посочи дека трошоците им се зголемени од 20 до 30 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/03/2022 17:32