Можностите за зајакнување на женското претприемништво, постоечките мерки за поддршка на женското претприемништво и потребата за владина поддршка преку креирање сет мерки за зајакнување на економската улога на жената и дигиталната трансформација на женските бизниси, беа тема на дискусија на денешната конференција за женското претприемништво „Од марш за работнички права до дигитална економија“.

Конференцијата е во организација на Центарот за управување со промени (ЦУП) под покровителство на сопругата на претседателот на РепубликаМакедонија Елизабета Ѓоргиевска

-Македонија има успешни жени претприемачи, кои со професионалните успеси сведочат дека нема област во која жените не можат да бидат на раководни позиции, да создаваат вредност за своите компании. Проблемот е што на жените претприемачки се уште се гледа како на исклучок од правилото. Причините вклучуваат општествени стереотипи што ги делат професиите на машки и женски, но и системски недостатоци како недоволен број градинки за децата, служби за грижа на стари и болните лица.Свеста за рамноправноста треба да се гради од најрана возраст и континуирано низ сите фази на образованието, рече таа, додавајќи дека пандемијата со КОВИД-19 го проширила јазот межу мажите и жените претприемачи.

Има, рече Ѓорѓиевска, голема нерамноправност меѓу мажите и жените, а јазот е поголем во секторите ко бараат иновативни, дигитални и технички знаења и вештини, врз кои се темели дигиталната економија.

Ваквата нееднаквост, рече, го успорува економскиот раст и развој на државата. Тоа, нагласи треба да се промени и економската криза не треба да биде изговор за исклучување, туку треба да е причина што повеќе да се зголеми вклучувањето на жените во претприемништвото за таа полесно да се преброди.

-Мора да вложуваме во се уште недоволно искористениот потенцијал на женското претриемништво. Декларативните заложби за еднакви можности треба да бидат преточени во конкретни дела, рече таа.

За поддршката на женското, но и на претприемништвото воопшто на конференцијата говореше министерката за труд и социјална политика Јованча Тренчевска. Таа нагласи дека поддршката на женското претприемништво и намалување на јазот и нееднаквоста се врвни приоритети на Владата. И таа смета дека државата треба да го искористи целиот потенцијал на жените и она што тие можат да го дадат во сферата на претприемништвото.

Тренчевска нагласи дека и во последните 26 мерки кои ги донесе Владата за справување со кризата, има седум кои значат поддршка на ликвидноста и одржливоста на компаниите, а со тоа и на женското претприемништво. Во моментов, рече министерката Тренчевска, се прави операционализација на мерките од страна на Министерството за финансии и Светска банка и многу брзо да се излезе со информации за начинот на аплицирање од компаниите за овие мерки.

Претставникот на УСАИД во земјава Ерик Јаноски, порача дека треба да се инсистира и да се инвестира во поголема поддршка на женското претпримништво, кое може да има позитивно влијание на развојот на економијата. Постои, нагласи тој, помала вклученост на жените на пазарот на труд, во бизнисот, како и нееднаквост на платите.

-Светскиот економски форум пресмета дека со сегашните трендови ќе бидат потребни се 108 години да се намали нееднаквоста и родовиот јаз. Тоа се четири генерации од сега. Тоа е премногу бавно од она што е потребно, рече Јаноски.

Форумот се организира во рамки на проектот „Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид-19“, поддржан од Balkan Trust for Democracy и USAID.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2022 14:19