Во рамки на Стопанската комора на Македонија, на иницијатива на група компании, формирана е новата Асоцијација – ТИМ 40. Целта е обединување на младите претприемачи и изнаоѓање решенија за внесување нови трендови во менаџирањето и делувањето.

На конститутивната седница, за претседател со мандат од четири години е избран Жарко Димитриоски од маркетинг агенцијата „Еден на еден“. Според него, иако се обединуваат компании од слични и различни економски сектори, сите ги поврзува потребата од заедничка соработка во насока на изнаоѓање решенија и следење успешни практики.

-Привилегија и чест ми е што ја добив довербата од компании-лидери во своите индустрии како Директ Медиа, Вертиго, ИВМ Нетворк, Фригоколд, Тиго, Кликни Јади, Точка. Имаме силна поддршка од Комората и нејзините истакнати членки, а ќе се трудиме да дадеме и придонес во развојот и промоцијата на претприемачкиот дух, како еден од клучните двигатели за иден развој на земјата, вели Димитриоски, познат по својата долгогодишна медиумска кариера, а во бизнис круговите и по претходни признанија како што е изборот за Претприемач на годината и член во престижната Forbes 30 Under 30 Europe листа.

Комората информира дека поддршката на оваа форма на организирање на компаниите е во насока на нејзината долгогодишна политика за поттик, афирмирање и приклучување на помладите генерации кои со својата иновативност и креативност имаат потенцијал да внесат свежина и нови трендови на менаџирање и делување.

Според правилата за работа на ТИМ 40, членови можат да бидат сите деловни субјекти кои имаат сопственици, управители или менаџери на високи позиции од околу 40 годишна возраст и кои имаат интерес да членуваат во Асоцијацијата поради унапредување на нивното стопанско работење.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/03/2022 12:03