Дизајнот мора да ги збогати своите традиционални области со нови примени кои пред се ќе го земат предвид брзиот развој на електрониката, дигиталниот и роботскиот развој, како и развојот на вештачката интелигенција, истакна италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри, на денешната конференција на тема „Дизајнот и новите технологии за одржлива иднина“, што се одржува во рамки на шестото издание на Денот на италијанскиот дизајн (Italian design day).
Амбасадорот нагласи дека за овогодишното издание е избрана особено предизвикувачка тема – „ресоздавање – дизајн и нови технологии за одржлива иднина“.
– Прашањето што си го поставуваме всушност значи како ќе се развива дизајнот и кои се одговорностите кои треба да ги преземе. Очигледно е дека во еден динамичен и урбанизиран свет има потреба од нови идеи за модерното, за да гарантира можна иднина која ќе биде реално одржлива и одговорна. Дизајнот како систем составен од компании, дизајнери, училишта, а исто така и како дисциплина со цврство технички, научни и хуманистички основи, истовремено има задача и обврска да го придружува развојот со внимание посветено на одговорностите. Одговорностите за екологијата, социјалните, економските и културните, потенцираше Силвестри.
Тој додаде оти смета дека дизајнот може да придонесе и во обликувањето на иднината, како што рече, еден нов однос помеѓу проектот, предметот и циклусот на производство и дистрибуција.
– Ресоздавањето има двојно значење, цели кон младите луѓе, новите генерации, како учесници во индустриската и постпандемиската преродба, а во исто време и на иновативно реактивирање на системи, практики и материјали. Тој концепт кој ја содржи идејата да се даде втора шанса, истовремено да посакаме повторно раѓање. Тоа е концепт што има и еколошка вредност бидејќи значи повторна употреба, рециклирање, кои што се двата столба на циркуларната економија, многу важен сектор во Италија.
Овој концепт не е ограничен само на предметите, на производите, туку се однесува и на просторот, иновативните услуги, на сето она што е поврзано со таканаречените паметни и одржливи градови, градови во кои има потреба од грижа, зачувување и реновирање, наведе Силвестри.
На конференцијата што се одржа во Скопје со своите технологии и експертиза се претставија некои од најеминентните италијански компании во овие области. ИВЕКО ги претстави своите иновативни и одржливи решенија за декарбонизација на урбаниот транспорт. ЕНЕА, Државната Агенција за нови технологии, енергетика и одржлив економски развој ги претстави своите искуства и проекти во доменот на решенија за енергетска ефикасност во урбани средини, додека СИСТЕМАТИКА претстави решенија за урбана мобилност со нулта емисија на штетни гасови за новите смарт градови.
На настанот беа презентирани и финансиски инструменти со кои се поддржува набавката на италијанска технологија и опрема во странски земји (градови, општини, јавни претпријатија) од страна на италијанската државна финансиска институција САЧЕ.
Italian design day е проект на италијанското Министерство за надворешни работи со кој се промовира дизајнот како универзална експресија на @Made in Italy”. Денот на италијанскиот дизајн се одбележува со богата програма со настани организирани од италијанските амбасади низ целиот свет.