Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) го одржа 16. редовно годишно изборно собрание, на кое беше избрано новото раководство со мандат до март 2025 година.
За претседател на Управниот одбор е избран Илија Господинов од компанијата „Ендава“, a заменик претседател на Управниот одбор е Весна Иваноска од „Сивус“ – едукативен и развоен центар.
Избран е и нов претседател на Собранието на МАСИТ, Анета Антова Пешева од „Унет“, како и нови членови на Управниот и Надзорниот одбор, како и на Судот на честа.
-Новото раководство во претстојниот мандат ќе има неколку стратешки приоритети за зајакнување на позицијата на Комората и заштита на интересите на ИКТ индустријата: воспоставување редовен процес за следење на состојбите и растот на ИКТ индустријата, соодветно лобирање на интересите на ИКТ пред надлежните институции со пренесување на проблемите и понуда на предлог решенија, зајакнување на Комората со воведување нови и проширени услуги кон членството, зајакнување на координацијата помеѓу приватниот сектор, јавниот сектор и образованието (формално и неформално) со цел адресирање на предизвиците поврзани со работната сила, како и промовирање на ИКТ индустријата и компаниите членки.