Општините Охрид, Дојран, Демир Капија и Гевгелија, Стопанската комора за туризам (СКТМ), Хотелската асоцијација (ХОТАМ), туристичката агенција „Савана“, тур-операторот DMC – Balkans и ресторанот „Острово“ ја претставуваат земјава на 43. Меѓународен саем за туризам во Белград, што се одржува од денеска до 27 март годинава.
Како што соопшти Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), претставувањето на македонските дестинации е предвиденои за утре.
Пред почетокот на саемот, на штандот поставен во изложбен простор од 50 квадратни метри, директорот на АППТ Љупчо Јаневски и в.д. амбасадорот на Северна Македонија во Србија, Михаела Веселинов се сретнаа со министерот за туризам на Бугарија и бугарскиот амбасадор во Србија. На средбата се потенцираше потребата од зголемување на соработката во делот на информативните патувања за новинари, блогери и инфлуенсери кои би ги промовирале туристичките потенцијали за привлекување повеќе туристи од двете дестинации.
– Туризмот е мост за поврзување на културите, дестинациите и народите. Тоа е и целта на презентацијата на македонските дестинации која ќе се одржи на 25 март. Општините ќе ги претставуват туристичките содржини и можностите за поврзување на српските и македонските патувачи. Исто така, со свои презентации ќе настапат и Маунтаин Солушн од Битола кои ќе ги презентираат планинарските авантури, JJ Adventures од Охрид специјализирани за планински велосипедизам и водени спортови, Шерпа Јавање од Галичник (Horse riding) и Нуркачки Центар Амфора од Охрид, кои ќе ги презентираат авантуристичките и активните форми на туризам, информираат од АППТ.
Според Агенцијата, забележан е брз раст на српски туристи во земјава за 275 отсто во 2021 година споредено со 2020-та, додека зголемувањето на остварени ноќевања на српски туристи е 257 проценти.
– Пикот на српски туристи кои ја посетиле Република Северна Македонија за 2021 година бил во летните месеци – јуни, јули и со акцент во август, со реализирани 9 497 посети од страна на српски туристи. Пикот на остварени ноќевања на српски туристи за 2021 година бил во јули со 18 195 ноќевања и август со 21 540 ноќевања. Зголемувањето на српските туристи во Охрид е забележан изминатата година и тоа во 2019 година Охрид бил посетен од 10 035 туристи, додека во 2021 година го посетиле 12 627 српски посетители. Зголемениот проток на туристи меѓу двете земји може да ја воочи потребата од враќање на конекцијата Белград – Охрид – Белград, се мисли на сезонска авиолинија која во минатото многу добро функционирала. Српските туристи освен Охрид го посетуваат и винскиот регион каде што уживаат во македонските вина и гастрономијата, како и Дојран, зимските центри и главниот град Скопје, наведува АППТ.
Со остварени 43 914 посети за 2021година, Србија е на првото место од „топ 10-те земји“ чии туристи ја посетиле земјава.
– За српскиот туристички пазар и за македонскиот дојдовен туризам значаен податок е директната авионска линија со авиокомпанија Ер Србија на релација Скопје – Белград – Скопје која оперира три пати неделно, понеделник, петок и недела. Српскиот туристички пазар е еден од најзначајните за македонскиот туризам, па поради тоа се преземаат активности за промоција со цел зголемување на бројот српски туристи и остварени ноќевања. Агенцијата реализира медиумски активности за промовирање на туристичките потенцијали на Северна Македонија во Србија и за 2022 година предвидува преку онлјан кампања на најчитаните интернет портали, изјави директорот Јаневски.
Меѓународниот саем за туризам во Белград обезбедува едноставно пребарување бази на податоци на изложувачите и деловните посетители преку Б2Б ПОРТАЛ. Покрај порталот, оваа година е одвоен посебен простор за организирање средби на “B2B Meetings” помеѓу деловните посетители и изложувачите, како и излагачите меѓу себе.
Секоја година Саемот за туризам на површина од 30 753 квадратни метри е домаќин на 900 излагачи од 50 земји. Брои околу 65.000 посетители и над 12.500 професионалци од туристичката индустрија од кои 650 се домашни излагачи во рамки на програмата „Србија на едно место“, а 250 се странски. Присуствуваат и 1.000 новинари од Србија и регионот.
Првиот ден од саемот е отворен само за професионалци во туристичката индустрија на кои им се овозможува удобна работна средина со цел подобро вмрежување со тековните партнери и запознавање на нови.
Учеството на македонската делегација на саемот е реализирано во соработка со Швајцарска програма за поддршка на извозот.