По едногодишна пауза поради корона епидемијата во Белград се одржува 43. Меѓународен саем на туризмот каде во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, заедно со агенциите и ХОТАМ, презентирани се македонските туристички потенцијали, јави дописникот на МИА од Белград.
-Годинава на Белградскиот саем за туризам е најбројна македонска делегација од туристичкиот сектор. Минатата година бројот на српските туристи во Северна Македонија беше најголем и се надевам дека 2022 година многу повеќе регионално ќе бидеме застапени. Всушност Отворениот Балкан ги покажува своите први ефекти, пред се кога говориме околу туристичкиот сектор. Се надевам дека 2022 година ќе имаме уште поголем број туристи што ќе не посетат, бидејќи целта за оваа година ни е 2,5 милиони ноќевања и поголем број на странски туристи за 20 до 25 отсто, што ќе не посетат, изјави во Белград Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Покрај природните убавини, Скопје и Охрид, националните паркови, гастрономијата и винските тури, на српските туристи годинава им се нудат и туристичките потенцијали вдолж патниот правец Е-75, од српската до грчката граница, каде од градоначалниците на Дојран, Демир Капија и Гевгелија се одржа презентација на богатата понуда што ја имаат овие општини. Се презентираа и понудите за планинарскиот авантуризам и велосипедизам, можностите за водените спортови, меѓу кои и нуркаењето во Охридското Езеро.
На Белградскиот саем за туризам кој годинава го носи насловот „Помеѓу планини и море“ учествуваат туристички агенции, здруженија и организации, хотели, туристички центри, меѓународни тур-оператори, а посетителите имаат можност да изберат патувања според нивните афинитети: семејни патувања, младински патувања, далечни дестинации од кои годинава можат да ги изберат Северна Македонија, Грција, Турција, Црна Гора, Египет, Бугарија, Русија, Тунис, Малезија, Романија, Словачка и Унгарија.