Индустриското производство во првите два месеца од годинава во споредба со истиот период лани е зголемено за 3.6%. Во февруари 2022 година, во однос на февруари 2021 година, пак, е поголемо за 6.3%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во февруари 2022 година, во однос на февруари 2021 година, бележи пораст од 25.2 %, во секторот Преработувачка индустрија од 4.0 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација од 9.6 %.
Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на тутунски производи, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерални производи, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и Производство на мебел.
Според главните индустриски групи, производството во февруари 2022 година, во однос на февруари 2021 година, бележи пораст кај Енергија за 14.6 %, Интермедијарни производи, освен енергија за 14.6 %, Капитални производи за 3.2 % и Трајни производи за широка потрошувачка за 61.5 %, додека опаѓање бележи кај Нетрајни производи за широка потрошувачка за 4.1%.